Драги Семенпеев- Цапе, сопственик на Печатницата „Софија“ од Богданци, во чие семејство ликовната уметност е сеприсутна, со помош на професионални графичари, е основач на Графичката работилница „Софија“.
Графичката работилница „Софија“ се пројави во 2008 година.
Главен мотив за нејзиното основање, освен љубовта кон уметноста, е желбата за создавање услови и место каде што млади талентирани графичари и истакнати и реномирани дејци од оваа област ќе можат да се собираат, да разменуваат искуства и да творат.
ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО НАШАТА ГРАФИЧКА РАБОТИЛНИЦА
Графичката работилница „Софија“ има меѓународен карактер и е единствена графичка работилница во земјава. Отворена е во текот на целата година, а главната сесија секогаш се одржува од 23 август до 3 септември. Програмите за работа ги носи Советот на Графичката работилница во состав Костадин Танчев - Динка, претседател и Виктор Семенпеев, Данчо Кал’чев, Јанко Темелков и Драги Семенпеев - Цапе, членови.
Со работата на Графичката работилница во која учествуваат млади графичари и студенти на завршната година на додипломски студии и студенти на постдипломски студии на Катедрата на графичкиот оддел од факултетите за ликовни уметности, предложени од нивните матични факултети, раководи Виктор Семенпеев.
На Графичката работилница досега учествувале претставници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Бугарија, Грција, Полска и Македонија.
Главната сесија на Графичката работилница завршува со проштална вечер и изложба на изработените дела. Сите активности поврзани со Графичката работилница се случуваат во просториите на Печатницата „Софија“ во Богданци.
Триенално Графичката работилница „Софија“ прави избор од делата изработени во претходните три години и ги изложува надвор од Богданци.
Во работата на Графичката работилница се застапени сите класични графички техники:
Висок печат
Длабок печат
Рамен печат
Пропустен печат
Креативно - едукативниот дел се одвива под менторство на реномирани графичари, универзитетски професори, од земјата и странство.